
Фирмата донатор на СДСМ, „Делукс – Ауто“, повторно доби тендер за возила
Фирмата „Делукс – ауто“ од Куманово, донатор во партиската каса на СДСМ доби нов бизнис од државата, објави Алсат. По набавката на 45 шкоди за полицијата вредни еден милион евра, „Делукс – ауто“ од Куманово, ќе го снабди со нови 11 возила и Министерството за одбрана. Фирмата победи на тендерот вреден 153 илјади евра.
Министерството за одбрана за набавката на нови автомобили добила пет понуди, но победи токму кумановската фирма зашто дала најниска цена. Најскапиот автомобил купен од „Делукс – ауто“ чини речиси 32 илјади евра. Станува збор за „Шкода Суперб“ со јачина на моторот од 190 коњски сили. Поефтини се возилата „Шкода Октавија“. Министерството купило две, за по 22 илјади евра. Освен овие возила, набавени се и автомобили кои не го имаат приматот луксузни или осум „Шкоди Фабии Комби“ со вкупна вредност од 77 илјади евра.