
Финска со нов предлог за отворање преговори со Македонија
Нов обид за европски компромис со кој ќе се овозможи Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ.
Според владини извори, финското претседателство ја подготвило драфт верзијата со која е предвидено на октомврискиот самит Македонија да ја добие одлуката за старт на преговорите а во која е задоволено барањето на Франција за промена на методологијата на преговорите.
И покрај тоа и натаму останува неизвесно дали Франција ќе даде зелено светло за финскиот предлог. Ниту една друга земја членка на ЕУ не е против отворањето на преговорите со нашата држава.
Како што наведуваат владините извори, првата меѓувладина конференција би се одржала најдоцна во првата половина од 2020-та година.
Според новата методологија на чие усвојување инсистира Франција а ќе се однесува на сите земји кандидати за ЕУ, се предвидува реверзибилен процес , односно доколку земјата назадува во преговорите, повторно да се врати на поглавјето во кое не е остварен очекуваниот напредок.
Како што објави вчера Блумберг, во драфт-коминикето од министерскиот состанот во Луксембург, Франција бара преговорите да бидат постепени, поконретни во придобивките за државите за кои се однесуваат и реверзибилни, во зависност од ефективната, опиплива и одржлива имплементација на реформите.
Овој документ француските дипломати на 10-ти Октомври го доставиле до земјите членки на Европската Унија.
Вечерва во Луксембург се одржува последниот состанок на техничко и амбасадорско ниво на кој теоретски е можно да биде усогласен комлетниот текст, кој потоа министрите за Европа и шефовите на држави и влади на земјите членки би го прифатиле.
Но, поверојатно е да не биде постигнат консензус и да се чека одлуката на ниво на министри и шефови на држави и влади.
Истовремено, со отворено писмо насловено “Да се придвижиме напред на западниот Балкан напред”, министрите за надворешни работи на четири членки на ЕУ, Чешка, Полска, Словачка и Унгарија, побараа од европската унија да донесе одлука за почеток на преговорите со Македонија и Албанија.
“Северна Македонија и Албанија ги исполнија клучните критериуми што ги постави ЕУ спроведувајќи комплексни домашни реформи. Дополнително, Северна Македонија го склучи историскиот Преспански договор со Грција, со што беше надминат долгогодишниoт спор околу името на државата”, пишуваат во писмото објавено на Политико, четворицата дипломати.
Иако се очекуваше дека отворањето на преговорите со Македонија ќе биде една од темите на синоќешната средба Макрон – Меркел во Елисејската палата, нема никакви информации дали тие воопшто разговарале за таа тема.
Никола Илиевски