Финансиска полиција влезе во штипското комунално претпријатие „Исар“
Финансиска полиција влезе во најголемото комунално претпријатие во источниот регион. Се чешлаат повеќе тендери кои ги имаат реализирано претходното раководство. Новиот ве де директор на штипското комунално претпријатие „Исар“, Живко Тасев вели дека досегашната проверка на тендерите во скоро сите работни единици покажала дека има сомнение за прекумерно трошење на парите. Пример е набавката на метли за чистење на улиците, каде што за девет месеци се набавени 7.000 метли
Досегашната истрага покажала дека се трошело и за мобилни телефони, но и за нафта за камионите и трактор. Забележано е и дека претходното раководство на штипски „Исар“ сметките за струја навреме ги плаќала кон одредена приватна компанија, а кон ЕВН сметките навреме не се плаќале, за што на име на камати имаат околу еден милион денари.
Финансиска полиција се уште врши проверка на тендерските постапки во Исар. Инаку ова комунално претпријатие во кое се вработени околу 400 работници и административци има долг од 186 милиони , а побарувања од домаќинствата и од фирмите има околу 133 милиони денари.
Викторија Јованова