
Филипче во Топ Тема најави дека од наредната недела може да се дозволи патувањето на членови на семејство или од економски интерес во соседните земји
Еден од предлозите за отворање на границите е од следната недела да се отвори отвори патувањето за членови на семејство или од службен, економски интерес, во рамките на земјите од соседството, а понатаму во периодот кој следи, по 15-ти Јуни, границите и целосно да се отворат, изјави вечерва во Топ Тема, министерот за здравство Венко Филипче.
Тој додаде дека за таа цел македонските претставници се во секојдневна комуникација сме со Албанија, Грција и Бугарија во однос на тоа како ќе се одвива отворањето на границите.
Според министерот за здравство во тек е и дискусија за тоа дали е потребно да има тестирања на лицата кои ќе патуваат преку граница.
– Многу веројатно дека нема да се бараат тестови заради тоа што не претставуваат апсолутна гаранција или сигурност. Претставува некаква сигурност ако е во комбинација со домашната изолација или карантините. Но, имајќи предвид дека ако се отворат границите и голем број луѓе ќе почнат да патуваат и тоа нема да биде само меѓу луѓето во регионот и нема да бидат посети од една во друга земја, туку ќе има многу патници кои ќе транзитираат низ некоја земја, тоа ќе изгуби смисла, подвлече Филипче во Топ тема.
Во однос на изборите, Филипче вели мерките не се предложувале или пак се калкулирало со нив за да се создаде терен за одржување на изборите.
– Впрочем и сега во ниту еден момент не беше побарано од Комисијата за заразни болести да каже дали треба или не треба да има избори, туку беше побаран стручен протокол како ако се одржат изборите тие треба да се спроведат и ние тоа го направивме, истакна министерот.
Според Филипче, многу од дијагностицираните се дел од веќе познати кластери што им дава за право да кажат дека епидемијата е под контрола.
Во однос на наградите за лекарите пак вклучени во битката со Ковид дополнително ќе се одлучува. Се чекаат списоци од директорите на здравствените установи, а дополнително ќе разговараат во каква форма ќе биде наградата.