Вакцинирани се 50% од досега невакцинираните деца од морбили

Нови пет случаи на заразени со морбили се регистрирани од вчера до денеска, со што вкупната бројка на заразени од прогласувањето на епидемијата се искачи на речиси 200. Епидемијата на морбили вчера ја зеде и својата прва жртва, шестмесечно бебе од Куманово.

„Детето е примено со клиничка слика на морбили, што значи дека е резултат на пад на колективниот имунитет“, изјави за Телма, Венко Филипче, министер за здравство.

Тој информира дека се уште е критична, но е стабилна, состојбата кај други две деца со компликации поради морбили.

Динамиката на вакцинација која се одвива во периодот на епидемијата, Филипче ја оцени како добра, со вакцинирани 50 проценти од невакцинираните, поточно извршени се 6.105 вакцинации. Освен вакцинацијата на сила е и забраната во градинките да се примаат невакцинирани деца. Филипче се надева дека тоа ќе доведе до смирување на епидемијата.

„Тоа што е пропишано со законот за спречување на ширење на заразни болести во населенито. Искрено се надевам дека броот наслуаи со морбили од ден на ден ќе се намалува. Ќе продолжиме со оваа кампања за вакцинација и понатаму ќе биде забрането децата во градинка да се носат невакцинирани“, Венко Филипче, министер за здравство.

Иако законот предвидува парична казна за родителите кои не ги вакцинирале своите деца, Филипче потврди дека иако имало неколку такви постапки досега нема изречена казна по тој основ.

За ризикот епидемијата на морбили да излезе од контрола и да се рашири надвор од Скопје тој вели дека Комисијата за заразни болести има целосен увид во сите нови случаи и ја следи состојбата.

Министерот за здравство на денешиот брифинг со новинарите информираше и за одлуката новиот клинички центар да се гради во Ѓорче Петров, а кој би чинел од 430 до 480 милиони евра. Филипче денеска информираше дека се прават консултации за можноста за спојување во едне тендерска постапка избор на проектот и изведбата на клиничкиот центар.

„Нашите проценки се доколку одиме на овој начин и доколку тоа го дозволува Законот за јавни набавки, можеме Клиничкиот центар да го имаме завршен за период од четири години. Доколку ги почнеме постапките поединечно, најпрво да тендерираме проект, па понатаму изведба, сигурно целата постапка ќе трае околу 10 години“, Венко Филипче, министер за здравство.

Се уште не се знае како ќе се финансира изградбата на клиничиот центар, што ќе зависи од моделот на тендерирањето на проектот, но Филипче не ја исклучува можноста за тоа да се бара кредит од Европската Централна банка. Тој останува на планот изградбата на клинички да стартува до крајот на оваа година.

Стариот клинички центар ќе задржи дел од болничката дејност, информираше министерот за здравство, но другиот дел од земјиштето може да се продаде и со тоа да се исплати дел од кредитот за новиот клинички центар.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ