Филипче не се откажува од централизирана набавка на реагенси по пропаднатиот тендер од 35 мил. евра

Министерот Филипче не се откажува од централизирана набавка на биохемиски реагенси за цела држава, иако првиот тендер пропадна и поради скандалозните тврдења во јавноста и поради преголемата набавка предвиден за само еден добавувач.

Сега здравство ќе го подели целиот тендер вреден околу 35 милиони евра на 7 лотови односно помали зделки. Така препорача и второстепената комисија за жалби по јавни набавки. Со тендерот се бараат и нови апарати и сервис за нив, но не за купување туку само за услуга. Министерството се откажува од транспорт на крв за анализи меѓу градови, а планот е да има само по една лабораторија во еден град.

Филипче и натаму останува на ставот дека и покрај транспортот на крв за анализи ќе има подобар квалитет на услугите за граѓаните, иако многумина пак оценуваат дека новиот начин на работа ќе ги успори брзите анализи потребни на пациентите.

Тврди дека со новиот начин на набавка ќе се заштеди до 5-6 милиони евра за три години иако не открива како и дали тоа значи дека со години се плаќало повеќе за биохемиски реагенси. Вети и дека нема да има отпуштања на персонал од постоечките лаборатории кои ќе бидат затворени со новиот проект. Летово првиот тендер беше пониште откако повеќе македонски веледрогерии негодуваа поради тендерот кој ги исфрли од конкуренција, а единствен понудувач беше германската филијала на фирмата Абот.

Во тендерската понуда се појави и име на новоформирана фирма и во јавноста се тврдеше дека новата фирма ќе ги „лапне“ тие 35 милиони евра. По допрен глас, обвинителство отвори предмет за првиот тендер, но досега не е соопштено што е откриено.

И тогаш и сега Филипче тврдеше дека новата фирма не стои зад понудата и нема ништо спорно во тендерот, но потоа експресно го поништи тендерот, а комисијата за жалби по јавни набавки му посочи дека треба да го подели. За околу две недели се очекува распишување на тендерот.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ