Филипче најави разрешување на директорот на ЦЈЗ – Зибери обвини дека министерот води изборни препукувања

Директорот на скопскиот Центар за јавно здравје, д-р. Арбен Зибери, експресно одговори на изјавата на министерот кој кажа дека ако постои можност тој него ќе го разреши од позицијата уште во текот на денот. Зибери во реакција за Телма го прозва министерот дека со такви изјави ја злоупотребува својата позиција и од владината говорница води изборни препукувања.

„Јас сум кандидат за пратеник и имам право на мојот приватен фејсбук профил да имам политички ставови“ реагира Зибери.

Од Антикорупциска за Телма велат дека доколку министерот цени дека има основ за разрешување на Зибери тогаш не постојат никакви пречки истото да го стори односно Зибери може да биде разрешен од функцијата.

Арбен Зибери иако е директор на скопскиот Центар за јавно здравје, не е дел од комисијата за заразни болести туку таму како претставник на ЦЈЗ е номиниран и член Александар Стојанов. Сепак поради важноста на функцијата и на институцијата со која раководи тој понекогаш присуствувал на седниците на комисијата за заразни болести. Но, според информациите на Телма на 22-ри јуни кога комисијата расправала за отварање на границите Зибери не присуствувал на седницата.

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ