Филипче на состанок ќе ги премислува родителите кои се против вакцинација

Здравствените власти ќе седнат на состанок со родителите кои одбиваат да ги вакцинираат децата и ќе ги спротивстават ставовите со нив. Ова следи откако повеќе од 1000 родители во земјата потпишаа писмени изјави дека не дозволуваат нивните деца да бидат имунизирани со било која вакцина, па и со МРП против малите сипаници, во време на епидемија. Министерот Филипче е оптимист дека ќе ги разубеди родителите кои се сомневаат во ефектот на вакцините.

„Секој граѓанин заслужува да дојде и да дебатира. Ние имаме сериозни контрааргументи на нивните сомневања и ќе го направиме тоа. Луѓето сакаат да донесат и некои експерти од странство коишто ќе презентираат некои аргументи во нивна корист и подготвени сме на тоа. Значи подготвени сме да ги увериме дека тоа во коешто се сомневаат навистина не е така.“ кажа Венко Филипче, министер за здравство.

Од Здравствениот инспекторат пред само неколку дена кажаа дека ги имаат собрано сите изјави на родителите кои не сакаат да си ги вакцинираат децата. Тие кажаа дека со нив ќе постапуваат построго и ќе ги казнуваат парично.

„Ќе бидат повикувани на порамнување. Тие родители кои нема да се појават ќе добијат прекршочна пријава во Суд кој е надлежен за таа општина.“ на 05.06.2019 кажа Д-р. Ирина Бухова, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Епидемијата на мали сипаници веќе половина година трае на територија на целата држава. Тоа ги натера властите да не дозволат невакцинирани првачиња да се запишат во училиште. Документите им ги примаат на разгледување, но без полни вакцинални картони – нема да ги распоредат децата по одделенијата од септември.

 

Петар Догов

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ