Филипче: Мали се шансите да сум заразен, но одлучив да работам од дома

Министерот за здравство Венко Филипче на вечерашната  онлајн прес-конференција истакна дека од анкетата со епидемиолозите било утврдено дека се мали шансите тој и неговите колеги кои вчера присуствувале на седницата на Кризниот штаб во Куманово да се заразиле со коронавирусот, откако се потврди дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски е позитивен, бидејќи носеле заштитни маски. Сепак, вели Филипче, одлучил овие денови да работи од дома и да даде пример дека ова е начинот на кој треба да се постапува.

Тој рече дека не знаеле оти на некои од членовите на Штабот во Куманово им биле земени брисеви и оти чекаат резултати, но, како што посочи, поради тоа што знаеле дека одат во подрачје каде има поголем број заразени. носеле соодветна заштитна опрема.

Тој апелираше да се почитуваат сите мерки и препораки за да се спречи натамошно ширање на вирусот истакна дека тоа особено важи и за поголемите собирања на празникот Велигден.

Категорично останувам на ставот дека не смее да има било какво групирање на граѓаните и оти тие треба буквално да се придржуваат до препораките. Сакам да кажам дека влегуваме во најкритичната фаза на епидемијата кога бројот на новодијагностицирани очекувано расте, но, ние не смее да дозволиме овој број дополнително да го оптовариме и да дадеме шанса за две недели од сега заради овие групирања да се јават нови заболени, рече министерот за здравство, додавајќи дека собирања од било каков вид се огромен предизвик.

Тој ги повтори статистичките податоци на број на новодијагностицирани, оздравени и состојба на заболените што претходно денеска ги соопшти Министерството за здравство. Додаде и дека се направени тестови на 10 трудници на Гинеколошко акушерската клиника во Скопје и оти сите биле негативни.

Исто така, направени се и серолошки тестирања на медициски персонал од Куманово и оти од 210 само кај две лица покажеле позтивни резултати на ИГМ анти тела. Затоа, рече Филипче, нив ќе им бидат направени и дополнителни тестови за коронавирус.

Во врска со случајот во болницата во Битола, со пациент кој е дијагностициран дека е позитивен на коронавирусот, а лежел на Интерното одделение, Филипче истакна дека од разговорите со надлежните добил информации дека тој бил во изолиран дел, но како што рече, ДСЗИ ќе направи инспекција и по утврдување на фактите ќе биде информирана јавноста.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ