Филипче: Ја обезбедивме целата потребна терапија за голема бројка пациенти со коронавирус

Со оглед на тоа што излегоа повеќе студии од веќе аплицирана терапија во светот, ние ја обезбедивме целата потребна терапија за навистина голема бројка пациенти со коронавирус во нашата земја, истакна на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Посочи дека тоа е комбинацијата на терапија која досега во повеќе публикации укажува на тоа дека дава добри резултати во лекувањето на пациентите со коронавирус.

Процедурата е таква што протоколот за лекување треба да се прифати на стручниот колегиум на Клиниката за инфективни болести, што се направи изутрината и денеска и веќе утре треба да се заврши формално правната постапка со добивање дефинитивна дозвола за употреба на оваа комбинација на терапија од Агенцијата за лекови по што веднаш ќе биде аплицирана на сите пациенти каде тоа е индицирано. Станува збор за терапија за која допрва ќе се прават клинички студии, но многу земји веќе ја ставија во протоколите со оглед на тоа што даде добри резултати во повеќе земји, заради што ние го правиме истото, рече Филипче.

Посочи дека во изминатите 24 часа се регистрирани 22 нови случаи на коронавирус во земјата од кои 15 од Скопје, четири од Дебар, два од Куманово и еден од Охрид, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 до денеска до 12 часот, изнесува 136, од кои еден е излекуван, а  двајца се починати.

На Клиниката за инфективни болести, нагласи, денеска се прават шест контролни тестирања на пациенти кои веќе се хоспитализирани од кои тројца се во потешка состојба, еден е во средно тешка и двајца пациенти се со лесна клиничка слика.

Испитувањата се прават согласно времето кога се примени на Клиниката, кога е направен тестот, и ова е анализа која ќе покаже дали се се уште заразни односно дали се уште носители на вирусот, без разлика на формата и клиничката состојба. На сите лица во врска со Клиниката за кожни болести веќе се истечени 14 дена, сега се прави распоред и план тие сите да се тестираат овие денови со цел да се вратат на работното место, рече Филипче.

Појасни дека од денеска се во функција 14 центри за тестирање на територијата на целата земја за земање брисеви, кои се веќе објавени на сајтот на МојТермин и додаде дека со ова во функција ги ставаат сите близу 1.200 матични лекари кои ќе се вклучат во процесот на дијагноза, но и во водењето на пациентите.

Секој еден пациент може да се јави, или граѓанин кој нема симптоми, да се јави кај својот матичен лекар на кој што ќе ги каже неговите симптоми или неговата анамнеза односно епидемиолошка анкета. Согласно податоците матичниот лекар веќе има електронски алгоритам, кој ќе укаже на тоа дали е потребно тестирање или не, и доколку е потребно кој е степенот на итност. Со тоа преку системот Мојтермин ќе се закаже соодветно време во кое што ќе биде земен брисот, во еден од 14-те пунктови ширум државата, или овде кај нас во Скопје во пунктовите „Јане Сандански“ и Ченто, истакна Филипче.

Согласно итноста, потенцира, матичниот лекар закажува термин, ќе бидат земени брисеви и ќе бидат соодветно испитани после што граѓаните ќе бидат соодветно известени, после што во зависност од тоа дали ќе биде позитивен или негативен тестот ќе биде заземен став за натамошно лекување, дали на Клиника или во домашни услови, а во целосна и секојдневна комуникација и со матичните лекари и со доктор и сестра од Клиниката за инфективни болести што веќе функционира за оние пациенти кои се сега на домашно лекување.

Тој посочи дека одржале состанок на Комисијата за заразни болести и на Централниот кризен штаб во Владата на кој разговарале за дополнително зајакнување на мерките кои пред се се однесуваат на граѓани кои се во ризична група, а тоа се граѓаните над 65 години, како најризична група со најмногу компликации според објавените публикации од земјите во светот, и младите до 18 години кои се преносители на болеста. Овие дополнителни мерки, како што истакна, ќе ги дискутираат на денешната седница на Владата и ќе информираат по нејзиното завршување.

Нагласи дека пациентите кои имаат претходна болест или состојба на белите дробови се во поризичната група, имаат повисока смртност, но има случаи во светот каде лица се починати, а немале таква состојба. Значи, посочи, има секакви сценарија, ова значи дека поризичната група се и повозрасните граѓани, и тие со коморбидитет, но тоа не е правило

Во изминатите 24 часа имаме седум дијагностицирани пациенти помалку, тоа е охрабрувачко, но не мора ништо да значи заради тоа што сметам дека се уште сме во трендот на зголемување на бројот на пациентите. Овие мерки кои се воведени искрено верувам дека ќе се почитуваат, се повеќе и повеќе и дека ќе дадат соодветни резултати, рече Филипче.

Во врска со продолжување на инсулинската терапија, појасни дека секој пациент кој има дијабетес и зема инсулин, може да го продолжи рецептот телефонски кај докторот што го води, и инсулинот директно да го подигне во инсулинската аптека, значи да не оди на лекар специјалист.

Што се однесува до огромната побарувачка согласно нови информации за ефикасноста на лекот Сумамед, министерот рече дека во аптеките се донела одлука да се издава само со бел рецепт, значи на трошок на Фондот за здравствено осигурување и апелираше граѓаните да не прават залихи на овој лек, бидејќи навистина има огромна, сосем доволна количина во нашата земја и не би било добро некој да самоиндицира лекување со антибиотска терапија.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ