
Филипче: Идентификувани сите лица кои допатувале со инфицираната пациентка со коронавирус
Заболената пациентка е во добра општа состојба, има лесна форма на болеста и не е потребна механичка вентилација ниту пак некоја форма на интензивна терапија, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Пациентката пристигнала од Италија со комбе во кое што биле 9 луѓе, 8 патници и еден возач. Идентификувани се сите патници кои што патувале со неа, рече Филипче.
Тие се идентификувани на 2 места во Скопје заедно со роднините на пациентката која што ја пречекале и три места во Струмица. Во овој момент веќе се упатени екипи на епидемиолози заедно со претставници на МВР за да се направи соодветната анкета по однапред утврден прашалник со кој се лица овие патници комуницирале денеска во текот на денот, изјави Филипче.
Врз основа на тие податоци, најпрво вечерва сите ќе останат во домашна изолација под полициски надзор, посочи министерот.
Врз основа на податоците со колку луѓе контактирале во текот на денот и колку членови имат семејствата ќе се одреди дали ќе продолжи домашната изолација или во текот на утрешниот ден ќе бидат префрлени во претходно одредените инфективни одленија за надзор, рече Филипче.