
Филипче го стопираше тендерот од 36 милиони евра
Тендерот вреден 36 милиони евра, кој го распиша министерството за здравство за набавка на биохемиски реагенси е стопиран.
Министерот Венко Филипче на денешната прес конференција соопшти дека со евалуацијата е потврдено дека има недостатоци во тендерската документација на единствениот пријавен на тендерот вреден околу 36 милиони евра. Тој рече дека тендерот е стопиран за са се прекинат и сомнежите во јавноста, со оглед на тоа што има само еден понудувач, но и тврди дека при носењето на одлуката немало никакви притисоци.
– Во следниот период ќе продолжиме со имплементација на планот за централизација, а со тоа и обезбедување на големи заштеди во овој дел од набавките, рече Филипче и ги повика и компаниите кои работат во оваа сфера да ги намалат цените на реагенсите, зашто, како што рече, имале разговори заради тоа што пазарните вредности се многу помали од тоа што сега во моментов се користи.
Контроверзиите во јавноста се појавија бидејќи за овој скап тендер за набавка на биохемиски реагенси се појави фирмата подизведувач АХР ЛАБ формирана пред 4 месеци, а понудата ја поднесе германското претставништво на американската фармацевтска компанија Абот.