
Филипче ги повикува пациентите на трпеливост
Чекање на ред со часови за преглед во болница и ненавремено добивање здравствени услуги. Од ова најмногу се жалат пациентите на скопските клиники. Велат, сликата не е иста во сите установи и има исклучоци, но генерално се незадоволни од здравството.
Последната анкета на Телма и МЦМС објавена во понеделникот, покажа дека mинистерството за здравство е најлошо оценeто од сите министерства.
На една година од работата на новата Влада, граѓаните се најнезадоволни од работата на Министерството за здравство. Дури 50% од испитаниците велат дека не се задоволни од здравствените услуги коишто ги примаат.
На ваквите оценки, mинистерот за здравство Венко Филипче повика на трпение и им порача на пациентите дека се работи на подобрување на здравствените услуги.
„Свесни сме дека граѓаните се нетрпеливи затоа што долго време чекале да видат некаква промена во здравството. Напорно работиме и имаме план, ќе земеме уште некое време. Поддржан ни е планот како од Светската банка така и од Светската организација“, вели Филипче.
Министерот повтори неколку од реформите во здравството, ставајќи акцент на планираната изградба на новиот Клинички центар, покачените плати како мерка за задржување на младите лекари во Македонија, како и укинување на паралелниот увоз на лекови.
Петар Догов