
Фетаи ке го тужи за клевета адвокатот Арслани, Бубевски кривично ќе го гони за загрозување на сигурноста
Кривична пријава од Гаврил Бубевски и тужба за клевета од Фатиме Фетаи за адвокатот на координаторот на ДУИ Ејуп Алими. Ова е одговорот на обвинителите од СЈО за адвокатот Мефаиљ Арслани кого го обвинуваат за сериозни закани кон Бубевски, изречени во присуство на Фетаи и нејзина пријателка во првата половина на ноември на паркинг кај трговскиот центар Мавровка.
Бубевски ја комплетира кривичната пријава за загрозување на сигурноста до скопското обвинителство што ќе ја поднесе во понеделник. Тој објаснува и дека во пријавата напишал ако во текот на постапка пред јавниот обивнител се утврди дека заканата е од обвинетиот Ејуп Алими пренесна преку адвокатот, кривчната пријава да се однесува и против обвинетиот, затоа што заканите се во множина. Зошто два месеца од настанот поднесува пријава? Бубевски исто како и Фетаи велат дека првично не знаеле дали Арслани зборовите ги кажал во афектна или очајна психичка состојба и не сакале да му нанесат ненадомесливи последици на кариерата.
Но со оглед на тоа што недозволеното однесување продолжува и понатаму, на тие закани гледам со голема сериозност и се чувствувам загрозено поради опасноста да се ефектуриаат заканите, зошто очигледно не биле кажани ниту во афект ниту во очај, вели Бубевски.
Фетаи денеска со соопштение му одговори на Арслани дека употребил навредлив речник и најави и постапка за клевета, но откако првично ќе заврши кривичната постапка против адвокатот. Рече дека останува на првичната изјава а како поткрепа на пријавата на Бубевски, дала изјава со нејзиното сведоштво од настанот.
Таква иста изјава ќе дадам и пред јавниот обвинител кој ќе постапува по пријавата, доколку бидам повикана на сослушување. Впрочем за целиот настан има уште еден сведок кој ја дава истата изјава, рече Фетаи.
Зборовите кои одекнаа во јавноста се „Не знаеме што да ти правиме, ти си наша. Ама на каурот ќе му ја расплачеме фамилијата.“
Арслани вчера ја демантираше Фетаи, рече дека лаже, тврдеше дека не се сретнал со неа и дека ниту тој, ниту неговиот клинет му се заканувале на Бубевски. Потенцираше дека луѓето не ги дели на ваши и наши а дека обвинителката е таа што постапува непрофесионално. Најави тужба за нарушен углед и ги побара снимките од судница за да ги поткрепи своите тврдења.
Елена Ивановска Мукоска