
Фетаи ја барала Јанева, но не ја нашла откако специјалната наредила претрес на своите колеги
Јанева наредила претреси за обвинители и вработени во СЈО, ова за Телма го потврди и обвинителката Фатиме Фетаи во телефонски разговор откако денеска во 13 часот кога се враќала во зградата на Рузвелтова се запознала со новите мерки на шефицата на специјалното обвинителство.
„Кога се вратив од пауза, полицаецот ме сопре и ми кажа дека мора да ми ја претресе торбата бидејќи таква наредба е дадена од обвинителката Јанева. Ми кажа дека кога на влезот ми викал но не сум го чула и не сум застанала. Полицаецот тогаш ми кажа дека мора да ми ја претресе торбата. Се налутив и сочно опцув. Тргнав во нејзината канцеларија за да видам зошто како обвинители кои 4 години се бориме за СЈО сега по нејзина наредба треба да бидеме претресувани. Таа беше излезена. Ако сака нека ме отпушти или разреши, но не може да ме третира како криминалец, ни изјави телефонски обвинителката во СЈО Фатиме Фетаи, која вели дека поради наредбата дури и заплакала од мака.
Наредбата за претреси сите ја поврзуваат со тоа што Јанева конечно добила покана да се јави во обвинителството за гонење на организиран криминал за да даде исказ во истрагата за рекетот, откако и нејзиниот глас се слушна на италијанските бомби снимени од сведокот Орце Камчев. Односите во СЈО дополнително се влошиле кога на колегиумот во понеделник Јанева им викала на оние кои биле присутни, дека ако пропадне сите ќе ги повлекла надолу. За коментар ја баравме и специјалната обвинителка Јанева, но таа не одговори на нашите телефонски повици.
Јанева досега не даде исказ, а денеска во обвинителството како сведок била поканета и сведочела шефицата на кабинетот на специјалната обвинителка. Детали не се откриваат во интерес на истрагата, а ова е вкупно трета вработена во СЈО која севдочи во истрагата за рекетот отворена пред точно еден месец. Досега сведочеа обвинителките Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска, а утре ќе даде исказ и обвинителот Бурим Рустеми.
Миомир Серафиновиќ