
Фени почнува со работа
Комбинатот Фени ќе биде пуштен во погон. По одлуката на доверителите донесена пред три дена, склучен е договор со швајцарскиот фонд ФОС АСЕТ со што фабриката почнува со производство. Оваа одлука како што велат од Одборот на доверители сега е најдоброто решение за да не дојде до натамошно зголемување на трошоците и пропаѓање на производствените капацитети на ФЕНИ додека трае стечајната постапка.
- Одборот на доверители донесе одлука за склучување договор за преработка на никелова руда на Фени Индустри со единствениот понудувач друштвото GSOL, за минимален месечен надомест од 1.200.000 ЕУР. Ставањето во целосна функција на произвоидствениот капацитет ќе создаде услови доверителите да ги наплатат своите побарувања во повисок процент, но воедно ќе се спречи дополнително оптоварување на стечајната маса со трошоци на постапка, стои во соопштението од Одборот на доверители.
Од ЏИСОЛ најавуваат дека во фабриката ќе влезат следната недела а со производство ќе почнат за 2-3 недели, време кое им е потребно за набавка на руда. Уверуваат дека сите вработени ќе останат на работа а парите предвидени за месечен надомест ќе бидат за плати и трошоци на фабриката.
Инаку почетокот на производството не значи и крај на стечајната постапка за Фени. Рочиштето е закажано за среда, 7-ми февруари, откако Апелација ја отфрли жалбата на досегашниот сопственик Кунико ресорсис кој се жалеше на условите за стечај.
Стечајниот управник прифати само 67,5 милиони евра од вкупно 161, 3 мили евра колку што биле побарувањата на 1017 доверители. ФОС АСЕТ беше единствената компанија што се пријави на меѓународниот оглас со кој се бараше инвеститор кој фабриката ќе ја стави во погон. На огласот се противеа вработените.
Давањето на Фени под краткорочен закуп според нив е опасен потег бидејки не гарантира иднина за вработените. Договорот со ГСОЛ не значи дека фирмата е нов сопственик на Фени бидејки стечајната постапка продолжува а тоа знзчаи дека сеуште има можност понуда да достави и друг заинтересиран инвеститор.
Виолета З Стојановска