
Фени почна со работа
Три месеци откако замина во стечај, комбинатот Фени денеска го рестартираше производниот процес. Од страна на швајцарската компанија Џи Сол која ја зема фабриката под закуп информираат дека по 3 недели подготовки и набавки, електро печката работи со полна пареа, во функција е ставена целосната опрема и тековно се врши дотур на репроматеријали.
Во исто време транспортерите кои го снабдуваат Фени со руда, поради лошите временски услови и снегот, го одложија за денеска најавениот штрајк. Иако планираа да го блокираат влезот на комбинатот, патот кај мотелот Дреново и железничката пруга кај Росоман, камионџиите решија протестите да ги ставаат во мирување додека закупецот на фабриката не им го исплати долгот во целост.
“Не излеговме на блокади поради снегот. Штрајкот е во мирување до среда а од четврток ако нема нов договор , излегуваме на улица.на кој начин ќе го изразиме револтот ќе одлучиме на посебен состанок. Ние бараме целосна исплата на долгот и остануваме на тоа барање“, кажаа од здружението Кипер.
Камионџиите викендов добија уште еден предлог од швајцарската компанија Џи Сол и ги повикаа да потпишат спогодба за отплата на долгот но транспортерите го отфрлија како неприфатлив.
„Еуроникел Дооел Скопје, претставништво на Џи Сол е подготвен да покрие 2 милиони евра од вкупните побарувања на транспортерите кон Нова Логистик и веднаш да ги ангажира за тековните транспортни потреби на фабриката, а останатите 1.1 милион евра ќе се исплатат во рок од 12 месеци по завршување на стечајната постапка. Во однос на цените на превозот, истите ќе бидат согласно стандардните на релација Кавадарци – Солун, што ги плаќаат кавадаречките фирми, а роковите на плаќање на 15 дена“, велат од Џи Сол.
Засега не се знае каков ќе биде ставот на Џи Сол откако камионџиите го одбија ваквиот предлог и не се знае кој ќе врши транспорт на руда за работа на комбинатот.
Минатата недела пропадна договорот за откуп на опрема и руда од страна на Нова Логистик фирмата што ги ангажира транспортерите. Утврдено било дека опремата не е во нивна сопственост и дека е покренато барање за стечај на фирмата.
Виолета З Стојановска