ФЕНИ ќе се реорганизира – ГСОЛ го заврши стечајот

Фени по 9 месеци го заврши стечајот, но со позитивен епилог наместо ликвидација. Судот во Велес го одобри планот за реорганизација на комбинатот за фероникел. ГСОЛ како инвеститор ги има откупено сите побарувања на доверителите. Долговите ќе бидат вратени, а исто така овој инвестициски фонд планира да вложи во зголемување на производството.

Од Синдикатот на индустријата и рудаството се задоволни од донесената одлука. Маре Анчева од Сиер за Телма вели дека сите вработени од ГСОЛ ќе добијат договори на неопределно време. Потоа при нормално работење на фабриката во Кавадарци постои можност и за зголемување на платите со потпишување на колективен договор.

Сите побарувања кои вработените ги имаат најпрво беа гарантирани, а ГСОЛ веќе ги подмирил. Тука влегуваат платите и сите додатоци за работниците. ФЕНИ треба до крајот на месецот да одбере и нов синдикален лидер. Веќе се одбрани синдикални претставници по работни единици, па потоа ќе има изборно собрание. СИЕР вели дека нема никакви забелешки на планот за реорганизација понуден од ГСОЛ.

Спасот на ФЕНИ од ликвидација е еден од ретките случаи во македонската економија кога биле поведувани стечајни постапки. Истите најчесто завршувале со распродажба на средствата и имотот на претпријатието за подмирување на долговите.

ФЕНИ има над 800 вработени и со оптимално производство ќе биде значаен дел од бруто домашниот производ и во извозот. Инаку, цената на никелот на светските берзи за еден тон сега изнесува нешто над 13 илјади долари, а бележи пад во последните денови.

За Фени да работи профитабилно според економските анализи потребно е да се движи над 10000 долари за тон. Лани во мај цената на никелот по подолго време се најде под границата од 10 илјади долари за тон. Доколку се подобри производната ефикасност може да се компензира послабиот квалитет на самата руда.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ