Фаворитите за номинацијата на демократската партија се судрија околу здравствената заштита

Тројцата водечки кандидати за освојување на номинацијата на демократската партија ги судрија ставовите околу здравствената заштита, имиграцијата и наследството на Претседателот Барак Обама во третата дебата.

За прв пат на иста сцена беа тројцата главни кандидати кои имаат најголема поддршка во сите анкети, поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден и двајцата прогресивни кандидати, сенаторите Берни Сандерс и Елизабет Ворен.

Бајден се обиде да го нападне сенаторот Сандерс, од малата сојузна држава Вермонт, кој е автор на законот Медикер за сите, со кој сака за прв пат во американската историја, да го укине приватното осигурување во здравствената заштита и да обезбеди национална сеопфатна програма, финансирана од државата.

 “Мојот пријател од Вермонт мисли дека работодавачите ќе ви ги дадат парите, доколку преговарате преку синдикатите, сите пари кои ви ги скратиле од платите за да добиете здравствена заштита. Тие сега ќе ги вратат тие пари на вработените?” – изјави поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден.

Сандерс ги отфрли обвинувањата за огромната цена на државната здравствена заштита, поентирајќи дека САД во моментов плаќаат двојно повеќе од останатите најразвиени држави во светот.

Во САД , десетици милиони луѓе немаат здравствено осигурување и голем дел банкротираат заради медицинските трошоци

Како ќе го одбраниш фактот дека не само што имаме 87 милиони неосигурани луѓе или луѓе со недоволно осигурување? Како ќе го одбраниш фактот дека околу 500 000 американци прогласуваат банкрот секоја година?” – подвлече Сандерс.

На сцената во Хјустон, Тексас, покрај тројцата главни фаворити беа уште 7 останати кандидати, кои се под се поголем притисок да се издвојат од толпата.

Сите жестоко го критикуваа Трамп а дел од нив ги нападнаа и фаворитите.

Хулиан Кастро, кој беше дел од кабинетот на Обама, жестоко го нападна Бајден дека заборава детали од сопствената програма, кои ги кажал на дебатата, пред само 3 минути.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ