
Фаучи: Медицинска студија потврди дека лекот Ремдисивир може да го блокира корона вирусот
Дали светот конечно ќе ја добие првата успешна терапија во борбата против новиот корона вирус? По избувнувањето на светската пандемија, медицинските експерти се обидуваат на различни начини и со различни терапии да најдат начин како да ги ублажат симптомите на Ковид -19, да го скратат периодот на заздравување на пациентите и да ги избегнат најтешките компликации.
Директорот на американскиот институт за алергија и заразни болести, Др Ентони Фаучи, соопшти дека резултатите на спроведеното истражување покажуваат дека лекот Ремдисивир може да го блокира коронавирусот.
Ова истражување не е нокаут за Ковид -19, но секако претставува јасен доказ дека овој лек има позитивен ефект, тврди Фаучи.
“Податоците покажуваат дека Ремдисивир има јасен, значаен позитивен ефект во намалувањето на времето за опоравување. Ова е навистина прилично значајно од повеќе причини и ќе ви ги кажам податоците. Многу е значајно. Ако се погледне времето на заздравување во групата со Ремдисивир, тоа изнесува 11 дена наспроти 15 дена” – изјави Фаучи.
Според Фаучи, Ремдисивир покажува и извесно намалување на стапката на смртност кај пациентите , од 11 на 8 проценти. Ремдисивир е лек создаден од компанијата Гилеад, пред една деценија.
Доколку се покаже ефикасен во спречувањето на најтешките компликации од болеста, овој лек секако ќе овозможи и побрзо отворање на економијата на САД, најтешко погодената земја од глобалната пандемија.
Американската економија во првиот квартал од оваа година, го има најлошиот резултат во последната деценија, откако се спроведоа острите мерки на карантин во обид да се спречи ширењето на епидемијата.
Економскиот пад од 4,8% е лоша вест за САД, но овие бројки не ја отсликуваат вистинската слика за кризата, бидејќи голем дел од рестрикциите не стапија на сила пред Март. Оттогаш, повеќе од 26 милиони луѓе во САД се пријавија како невработени.
Но сликата за економските проблеми кои ги предизвикува корона вирусот не е ограничена само на америка. Меѓународната организација на трудот ја промени својата и онака црна проценка за загубени работни места.
“Нашата проценка за вториот квартал од оваа година во смисла на загубени работни места изнесуваше 195 милиони. Денеска, мораме да ја зголемиме ова проценка. Сега гледаме дека намалувањето на работните часови на глобално ниво ќе достигне 10,5% во вториот квартал на годината. Врз основа, на претпоставката за 48 часовна работна недела, тоа значи загуба која е еквивалентна на 305 милиони работни места во светот” – подвлече генералниот директор на меѓународната организација за труд, Гај Рајдер.
Уште пострашни се проценките на оваа организација за вработените во ткан неформална економија, која ги вклучува работниците без договор или владина контрола.
Околу 1 милијарда и 600 –тини милиони луѓе се во опасност да останат без средства за живот и егзистенција, проценува меѓународната агенција за труд.
Никола Илиевски