
ФАО: Нема докази дека животните пренесуваат коронавирус
Нема докази за вмешаност на добиток и домашни миленици во ширењето на коронавирусот. Ова денеска преку соопштение го соопшти Организацијата за храна и земјоделство при ОН (ФАО), од каде наведуваат дека поради тоа нема потреба за преземање на мерки што можат да ја загрозат благосостојбата на животните.
Од ФАО информираат дека соработуваат со Светската здравствена организација (СЗО) и Светската организација за здравје на животните (ОИЕ) за поддршка на земјите членки во идентификување на потенцијални домаќини на овој вирус кај животните и спречување на негово пренесување на луѓето. Испитувањата да се разбере епидемиологијата на Ковид-19 и вклученоста на животните како резервоар на вирусот или привремени домаќини, се во тек, но до овој момент се наведува во соопштението од ФАО, најголем ризик од ширење на Ковид-19 е пренесувањето од човек на човек.
Сепак од Организацијата за храна и земјоделство при ОН наведуваат дека е потребно да се промовираат вообичаените хигиенски практики на миење раце пред и после контакт со или хранење на добиток и домашни миленици, вклучително и внимателно ракување со месо од диви животни.