
Фантомите без државјанство невидливи за општеството
Поради немање државјанство Шајини цел живот живее во изолиран свет. Иако е роден и живее во Гостивар тој нема право на здравствено осигурување, вработување, социјална помош, ниту пак има можност да го напушти градот.
Судбината на Шајини според проценките на невладините организации ја делат околу 5.000 лица во Македонија. Велат дека и во матичната книга на родени, има случаи каде не се запишани и по три генерации.
Од невладината Месечина, велат дека сега постои поголема свест и таканаречените фантоми сакаат да извадат државјанство, но ова право не можат да го остварат, затоа што нивните родители немаат никакви документи. Оттаму сметаат дека проблемот не може да се реши наеднаш, туку секој случај треба да се разгледува поединечно. За таа цел, неколку организации започнаа со спроведување на проектот „Надвор од кругот-невидливи за општеството.
Од Министерството за труд и социјална политика неодамна соопштија дека работат на решавање на овој проблем. Според нив треба најпрвин да се направат законски измени, и да се воведе регистар на овие граѓани.
Во меѓувреме Шајини не гледа надеж дека ќе извади државјанство, документ кој го бара две децении. Бара државата во која што е роден ако не сака да го прифати веднаш да го депортира во било која земја.
Зоран Димовски