
Фалсификуваните пасоши на Грујевски и Бошковски пред македонските судови само ако бидат екстрадирани
Процесот за фалсификуваните пасоши на Горан Грујевски и Никола Бошковски можно е од Солун да се префрли во Скопје. Ова за Телма го потврдуваат добро упатени извори од Министерството за правда од каде тврдат дека оваа опција е во игра ако екс началникот и неговиот соработник бидат екстрадирани од Грција пред одржувањето на следното рочиште кое е закажано за во Мај. Според истите извори тогаш македонските судови би требало да им судат на двајцата бегалци за фалсификувани пасоши, н одо сега нема потврда дека од македонска страна е побарано ова. Адвокатот на двајцата обвинети денеска не беше достапен за коментар на овие тврдења. Но, оваа можност сепак останува само опција бидејќи се уште трае жалбената постапка за одлуката за екстрадиција, а во меѓувреме двајцата побараа и азил во Грција.
Одлуката за нивна екстрадиција судот во Солун ја донесе на 5 ти јануари годинава а предвидувањата на адвокатите беа дека жалбената постапка ќе трае долго. Жалбата на Грујевски е напишана на 75 страници, а жалбата на Бошковски на 65, а доказите на 17 илјади страници, па само преведувањето би траело со месеци. Судењето за барање на азилот пред неколку дена беше откажано токму поради немањето преведувач. Адвокатот кој го најмија во Грција тогаш убедуваше дека додека не се одлучи за азилот нема да бидат донесени во Македонија.
Инаку Грујевски и Бошковсски беа фатени на Солунскиот аеродром кога сакаа да избегаат со пасоши со лажни идентитети. Во земјава се обвинети во предметот за масовно прислушкување Таргет Тврдина отворен од СЈО. За утре е најавен почетокот на овој судски процес.
Билјана Николовска