Факлутетите од идната недела со онлајн-настава

Сите факултети од државните и приватни универзитети во Македонија од понеделник ќе треба да организираат онлајн-настава за студентите, е договорот по средбата на министерот за образование и наука Арбер Адеми  со ректорот на УКИМ и претставник на сите државни универзитети, проф. д-р Никола Јанкуловски, и со проф. д-р Томе Неновски, претседател на Конференцијата на приватни високообразовни установи.

„Се согласивме во следните денови сите единици во состав на универзитетите да вложат максимални напори за да се воведе одредена форма на онлајн-настава во интерес на нашите студенти и да почне да се реализира од следната недела. Тој начин на настава не е неизводлив и, практично, дел од факултетите веќе го применуваат во регуларниот тек на студиската година“, рече Адеми.

Ректорот Јанкуловски соопшти дека денеска објавиле дневен ред за вонредна седница на Ректорската управа на УКИМ со подготвен правилник за функционирање на Универзитетот во вакви услови.

„Веќе се во функција неколку видови платформи за далечинско учење. Направен е и распоред за работа на администрацијата која доаѓа на смени, со цел да се намали или да се избегне воопшто контактот помеѓу странките и вработените во администрацијата. Мислам дека на состанокот денеска се најде решение за непречено функционирање на одржувањето, пред сè, на додипломската настава на универзитетите. Се дискутираа евентуалните проблеми што понатаму би произлгле во врска со испитите, но се надевам дека и за тоа ќе најдеме решение“, изјави Јанкуловски.

Претседателот на Конференцијата на приватни високообразовни установи, проф. Неновски, истакна дека во услови во кои е важно да се заштити здравјето, неопходно е да се воспостави бесконтактен систем со едукативни алатки преку кои студентите ќе учат од дома и дигитално ќе комуницираат со професорите.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ