Европските фондови недостижни за македонскиот етно туризам

Зоран Петров од пробиштипското село Лесново над  десет години се занимава со рурален туризам. На гостите им нуди прошетки до воденичарските пештери и Лесновскиот манастир, традиционални јадења и органски производи, како што во минатото ги правеле домаќинките. Сакал да инвестира во сместувачки капацитети за туристите, но условите кои ги бараат европските фондови и програмите на министерствата за искористување на пари за селскиот туризам се недостижни за неговиот скромен семеен буџет.

Руралниот туризам во Македонија засега е само фикција покажаа теренските истражувања на невладината „Рурална коалиција“. Европските фондови и владините програми нудат субвенции за оваа гранка во износ од три до четири милиони евра, но од овие пари на годишно ниво едвај се искористени од три до четири проценти. Причината за неискористеноста на овие пари според 120 те сопственици на рурални сместувачки лежи во нивната неинформираност и недоволното промовирање на мерките што ги нуди Владата.

Потребни се и подобра патна инфраструктура, водовод и канализација низ живописните македонски села, а според оние кои се занимаваат со овој тип на туризам потребно е и да се промени законската регултива.

Македонија има Национална стратегија за рурален туризам, но со веќе  поминат  рок , а повеќето од анкетираните не ни знаеле дека има ваков документ. Експертите забележуваат дека земјава има одлични можности за развој на селскиот туризам, но засега добрите примери за да се живее и заработи од оваа гранка можат да се видат кај соседите во Грција и Бугарија.

ВИКТОРИЈА ДИМИТРОВА ЈОВАНОВА

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ