
Европскиот совет ја потврди одлуката за старт на преговори со Македонија
Европскиот совет синоќа ги потврди заклучоците од 25 март за старт на пристапни преговори со Македонија и со Албанија.
Во заклучоците од синоќешната видеоконференција на шефовите на влади и држави на Унијата со фокус на состојбата со коронавирусот, проширувањето се споменува со една реченица, во која се потврдуваат заклучоците за проширување и за процесот на стабилизација и асоцијација.
Ова отвора нова страница на европското патување на Северна Македонија и на Албанија и претставува историска одлука за нив, за ЕУ и исполента е една од главните цели на хрватското претседавање со ЕУ, објави актуеното хрватско претседателство на твитер.
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ пак напиша дека се задоволни поради потврдената одлука за отворање на пристапни преговори, со што е исполнет еден од приоритеите на претседавањето на неговата земја.
Тоа покажува дека ЕУ останува насочена на своите приоритети и во тешки околности, напиша Пленковиќ.
Слетавме, е коментарот натвитер на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.
Ова беше долга задоцнета пресвртница за македонските граѓани. Тие сакаат, како и јас, да живеат во енергична европска демократија управувана од владеењето на правото. И Северна Македонија ќе испорача! Му благодарам на Европски совет што ја направи вистинската работа, напиша Димитров. На крајот и се заблагодари на Хрватска пишувајќи „хвала“.
Честитак за одлуката за преговори стигна и од САД. Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, на твитер напиша дека ја поздравува одлуката на Европскиот совет да отвори пристапни преговори со двете земји.
САД ќе останат ваш партнер на секој чекор од патот, напиша Помпео.
По одлуката за старт на преговори Европската комисија сега треба да изготви предлог-преговарачката рамка за земјава, по што ќе се одржи и првата меѓувладина конференција која ќе го означи официјалниот старт на преговорите за членство во Европската унија.
Тамара Грнчароска