Европската банка за обнова и развој ја намали проекцијата за економски раст на 2%

Веќе никој не го дели владиниот оптимизам дека годинава ќе се оствари економски раст од 2,8 %. По надолните корекции што ги направија домашните и меѓународните институции, денеска и Европската банка за обнова и развој ги спушти очекувањата од 2,5 % на 2 % раст. Завршувањето на политичката криза во земјата треба да помогне во враќање на довербата во економијата, но економските реформи мора да се забрзаат напиша ЕБОР.

Потребни се мерки за промовирање на вклученоста на приватниот сектор во инфраструктурата.Владата треба да ја ревидира легислативата за концесии и јавно-приватни партнерства  за поттикнување на вклученоста на приватниот сектор во транспортот и енергетскиот сектор.

Според проекцијата на Централната банка, растот на БДП годинава ќе биде 2,3 %, но ризиците се отворени и тие во најголема мера се условени од инвестициите. Владата пак уверува дека капиталните проекти значително ќе забрзаат и дека може да се оствари раст кој е движен од приватниот сектор.

Има деловен амбиент во кој и приватниот сектор може да остварува раст а со вакви проекти ќе очекуваме проекциите и на НБРМ и на Министерството за финансии дека во 2019 ќе забрзаат, тврди министерот Тевдовски.

Институтот „Фајненс Тинк“ уште во јуни излезе со очекувања дека еконмскиот раст годинва ќе биде 2,2 %.Годинава економијата беше голтната од политиката, но време е таа да се стави во прв план за да можат граѓаните во 2019 тоа да го почувствуваат врз својот животен стандард

Со затворање на прашањето за ЕУ и НАТО интеграциите, и фактот што нема да има избори, очекувам во следните месеци во фокус да биде економијата, да се реализираат планираните проекти, а следната година да стартува со подготвен план и визија каде сакаме да стигнеме во 2019, вели Благица Петрески од Фајненс Тинк“.

Наспроти очекувањата на ММФ дека македонската економија годинава ќе достигне раст од 1,6%, а Светска Банка 2,5 % владата ги спушти своите очекувања од 3,2 на 2,8%.

Виолета З. Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ