Европратениците порачуваат: Гласајте, нема план Б!

Европската интеграција на земјата зависи од претстојниот референдум. Доколку не успее, значи, доколку не се надмине спорот со Грција, и во иднина ќе го имаме истиот проблем бидејќи одлуките во Унијата треба да бидат едногласни. Ваква порака упатија европратениците Кукан и Флекенштајн и пријателски побараа од македонските граѓани да го препознаат значењето на овој историски момент.

  • Ве молам одете и гласајте. Не кажувајте дека не ви е грижа. По 27 години имате шанса наредната година да почнете преговори со Европската унија, вели  Кнут Флекенштајн, европратеник.

Позитивниот исход од референдумот позитивно ќе влијае на натамошниот развој на земјата и ќе ја одреди иднината на сите граѓани и на наредните генерации, велат европратениците. Токму заради таквата важност, не сакаат да размислуваат за последиците од евентуалниот неуспех.

  • Ние не размислуваме за план Б. Размислуваме само за план А, дека резултатот од референдумот ќе биде позитивен и ќе го отвори патот на Македонија кон Европската унија, вели европратеникот Едуард Кукан.

Кукан и Флекенштајн најавија дека во декември или во јануари, следува уште една фаза од политичкиот дијалог во рамки на процесот Жан Моне. Од пратениците добиле цел список со прашања што треба да се разрешат а главно се однесуваат на собранискиот Деловник. Важно е, велат, што сите партии се подготвени да учествуваат, а она што беше договорено на претходната сесија во Охрид, почнува да се имплементира во собраниската работа.

 

Соња Николовска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ