Европарламентот ќе гласа Резолуција за почеток на преговори

Европскиот парламент е пред гласање за Резолуција за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Попладнево се дискутира, а утре ќе се гласа за документ со девет точки во кои се изразува разочарување за недонесената одлука, која оди на штета на кредибилитетот на Европската Унија. Парламентот потсетува дека политиката на проширување е најефективниот инструмент за надворешна политика на Унијата и бара Комисијата да ја преиспита и дополни Стратегијата за Западен Балкан од февруари 2018.

Европскиот парламент ги повикува земјите-членки да покажат одговорност кон Албанија и Северна Македонија и да донесат едногласна позитивна одлука за отворање преговори… Земјите кандидати треба да се проценуваат врз основа на сопствените вредности и на објективните критериуми. Брзината и квалитетот на реформите го одредува редот за пристапување.

ЕУ парламентот нагласува дека неуспехот на Унијата да отвори преговори резултираше со предвремени избор и создава можност за други влијанија кај земјите-кандидатки.

За Владата, овој потег на Европскиот парламент е напор за враќање на европската  надеж кај македонските граѓани.

Во земјава и во цела Европа, се множат пораките да продолжиме со реформите.

Северна Македонија е дел од Европа и  заслужува ништо помалку од полноправно членство. Германија продолжува да ве поддржува како секогаш. Ве молам да продолжите со реформите и да ги убедите сите што покажаа сомнежи дека вашето место е во ЕУ,

вели германскиот амбасадор Томас Герберих.

Се очекува европарламентарците утре да ја поддржат Резолуцијата и да констатираат дека и Македонија и Албанија направија значителни напори за исполнување на европските барања: едната спроведе судски реформи, а другата, го ратификуваше Преспанскиот договор.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ