
Евроинтеграцијата на Западен Балкан еден од приоритетите и за австриското претседателство со ЕУ
„Европа која штити“. Ова е мотото на австриското претседателство со ЕУ, што ќе трае во следните шест месеци. Меѓу приоритетите е и ЕУ перспективата на Западен Балкан, иако на трето место, после безбедноста и заштитата на ЕУ и борбата против илегалната миграција. Австриската амбасадорка, која ги претстави приоритетите пред собраниската комисија за европски прашања, рече дека, Македонија никогаш не била поблиску до ЕУ како што е сега, но има уште многу работа.
Коблер честиташе за реформите и постигнувањата, особено за договорот за добрососедство со Бугарија и за договорот за името со Грција. Рече дека е потребно да се зајакне дијалогот со ЕУ, со состаноци на работно ниво. Изрази жалење што опозицијата не беше присутна на седницата, велејќи дека сето ова се прави за целата држава. Критики за отсуството, ВМРО ДПМНЕ добија и од пратеничката група на СДСМ и од претседателот на Комисијата.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи информираше дека еврокомесарот Јоханес Хан ќе ја посети Македонија на 17 јули за почеток на скрининг процесот, велејќи дека владата ќе се посвети на бараните реформи, како борбата против корупцијата и реформите во правосудството, администрацијата и разузнавачките служби. Австрија претседателството со ЕУ го презема од Бугарија.
Далиборка Демјанска