ЕВН ја купи Градска куќа за 12, 7 милиони евра

Градската куќа на кејот на Вардар ќе и припадне на ЕВН откако тие ја понудиле сумата којашто ја побара Град Скопје. На електронска аукција оваа фирма била единствен понудувач, а за недвижнината ќе одвојат од касата 12 милиони и 700 илјади евра.

  • Вчера успешно заврши електронската аукција, која е првата постапка за продажба на објектот на Град Скопје. Согласно со предвидените процедури од јавниот повик, купецот треба во рок од 15 дена да ја уплати сумата, по што ќе следува потпишување на договор со кој ќе се заврши целата постапка, велат од Град Скопје.

Градската куќа ќе ја платиме до денар и сите вработени ќе ги сместиме на едно место – соопштија од ЕВН.

  • Ќе се рационализира работата на вработените, комуникацијата и паркингот. Некои од објектите кои ЕВН досега ги користеше не се нејзина сопственост па за тоа компанијата мораше да плаќа и закуп. Другите објекти кои се во делумна или целосна сопственост на ЕВН ќе бидат понудени на продажба со цел да врати дел од инвестицијата, соопштуваат од ЕВН.

Објектот лоциран под скопското Кале започна да се гради уште во времето на претходниот градоначалник Трајановски, а сега Шилегов одлучи да ја продаде затоа што во зградата нема да ги собере сите градски административци туку само дел од нив. Тогаш гласно критикуваа опозиционерите кои прашаа и дали однапред се знае кој ќе ја купи Градската куќа.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ