
Ексклузивно – Телма дознава дека ЕВН ја продава зградата
ЕВН ја продава зградата во строгиот центар на Скопје. Станува збор за приземје, деловни простории на првиот, четвртиот, 6,7 и 10 спрат, ходник, скали и земјиште со површина од 4100 м2 или половина од зградата која ЕВН ја дели со АД ЕЛЕМ. Од ЕВН велат дека причините за отуѓување на нивниот дел од објектот се деловни. Заинтересирани купувачи има, во тек е евалуација на понудите, а одлуката ќе се знае најдоцна до април.
„Продажба на недвижен имот – дел од деловна зграда се врши од деловни причини, во дел од тие причини е и испитување на реалната цена на недвижен имот во моментот на пазарот. Право на купување имаат сите заинтересирани правни и физички лица“, соопштија од ЕВН.
Според огласот кој бил отворен до средината на декември, на косопственик на зградата, АД ЕЛЕМ ќе му биде овозможено право на првенство ако ја прифати највисоко постигнатата цена на јавниот оглас.
Што ќе се случува со реконструкцијата на зградата која Бетон ја започна во 2014 со намера фасадата да биде во барок стил, рано е да се каже бидјеки се уште се водат разговори меѓу ЕВН, ЕЛЕМ и изведувачот за тоа како да се заокружи проектот.
„Статусот на договорот со Бетон за фасадата на објектот зависи од одлуките на двете компании ЕВН и ЕЛЕМ. Договорот се уште не е раскинат, иако АД Бетон е известен за намерата да се раскине. Дали сопственик е ЕВН или некој друг, одговорноста на двата косопственици е подеднаква“, соопштија од АД ЕЛЕМ.
Доколку дојде до раскинување на договорот не се очекуваат финансиски штети бидејки градежните работи на зградата се стопирани повеќе од две години откако изби пожар на фасадата, а досега се завршени едвај 20% од работите. До крајот на месецов АД ЕЛЕМ очекува технички прием на новиот објект, а своите простории во зградата во центар велат ќе и ги отстапат на Владата.
„Просториите по селењето на ЕЛЕМ преминуваат во владеење на СОЗР односно на владата. Ќе се направи куса анализа со цел да се провери која владина институција, која нема во сопственост свои простории, а плаќа закупнина ќе ги добие канцелариите со цел да се намалат трошоците“, соопштија од Влада.
Одлуката оваа зграда да биде во барок стил датира од 2013 год со образложение дека таа треба да се вклопи во амбиентот на Скопје 2014, но минатата година двете компании се предомислија и најавија можност за промена на проектот. Зградата требаше да биде готова до 2014, се планираа да се потрошат 4,3 мил евра, но и ден денеска таа го нагрдува скопскиот плоштад. Објектот е изграден во 1962 година, а автор на идејното решение е белградскиот архитект Бранко Петричиќ.
Виолета Зајкова Стојановска