Еурокомпозит го прекина штрајкот

Вработените во Еурокомпозит го прекинаа штрајкот. Ја прифатија понудата на владата, до следниот петок да им се исплатат две полни плати или по 30 000 денари, како технолошки вишок да се прогласат околу 130 работници и да им се обезбеди репроматеријал за континуирано производство. По три дена кампување ги собраа шаторите од тревникот спроти владата но најавија дека ќе се вратат доколку не се исполни ветеното.

„Стравуваат дека нема да се исполни, но јас сум уверен дека Кочо Анѓушев ја зборува вистината и понудата е примамлива“, кажа Роберт Богданоски од синдикатот на Еурокомпозит.

На средбата со вицепремиерот Анѓушев, вработените и синдикатот на СИЕР добиле уверување дека трајно решение за загубарот Еурокомпозит брзо ќе се најде и дека ќе се исполнат барањата на работниците за исплата на 18 заостанати плати и продонеси за изминатите 6 години.

„Нема долго да се чека. Ќе се оди со модел сличен на Фени со план за реорганизација, заинтересирани биле 3-4 фирми, главното барање на владата е да се подмират сите барања на работниците“, кажа Пеце Ристески од СИЕР.

Ваквото решение на долгогодишниот проблем со загубарот Еурокомпозит уследи по денешната  радикализација на штрајкот на вработените и блокирањето на булеварот Илинденска.

Со свирење и извици “сакаме живот” потсетија дека се сериозни во намерата да штрајкуваат се дури не се најде трајно решение за фабриката која според Државниот ревизорот не може да биде самоодржлива. Еурокомпозит во моментов не произведува, приходите паѓаат од година во година, а долговите надминуваат 5 мил. евра.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ