ЕУ во заклучоците од сaмитот со Западниот Блакан ќе бара решавање на билатералните спорови

Наместо пристапувањето на земјите во Европската унија пандемијата од корона вирусот ќе биде клучната тема денешниот самит на Унијата со Западниот Балкан. Од самит од кој се очекуваше да даде насоки за идното пристапувањето со оглед на новата методологија која за тоа ја усвои Европскиот совет, лидерите на ЕУ и на Западниот Балкан, попладнево фокусот ќе го имаат на справувањето со кризата предизвикана од Ковид-19, за што на регионот му е доделен пакет од 3,3 милијарди евра.

Проширувањето пак ќе се најде во заклучоците од самитот, но само со потврдена европска перспектива на Западен Балкан.

Но она што за Македонија е поважно е дека во заклучоците од самитот ќе се најде прашањето на условувањето на пристапувањето на земјава од страна на Бугарија, со  барање да се најде решение за билатералното прашање за имплементирање на Договорот за добрососедство на Бугарија.

Портолот „Еуроактив“ објави делови од нацрт-заклучоците од Самитот ова прашање, каде стои дека ова прашање ќе биде опфатено во параграфот 9. во кој се потенцира дека ЕУ целосно ја поддржува регионална соработка во Западен Балкан и зајакнување на добрососедските односи. Во таа насока, стои во нацрт-заклуќоците, остануваат важни имплементирањето на билатералните договори со добра волја и мерливи резултати, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија.

„Потребни се понатамошни и одлучувачки напори посветени на помирување и регионална стабилност, како и на изнаоѓање и имплементирање на крајни, сеопфатни и обврзувачки решенија за страните во билатерланите спорови и прашањата вкоренети во наследството на минатото, согласно меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и Договорот за сукцесија“, се наведува во нацрт-заклучоците од Самитот што ги објави „Еуроактив“.

Во меѓувреме Брисел неофицијално најавува дека ќе помогне во надминување на разликите меѓу Скопје и Софија, но оти дел од работата мора да дојде од самите земји, поточно обид сами да ги решат проблемите.

Вицепремиерот Бијар Османи пак денеска во контекст на прашањето со Бугарија рече дека земјава е обврзана на спроведување на Договор за добрососедство.

„Но и генерално едно од предусловѕте за членство во ЕУ се добрососедските односи и затворање на отоврените прашања со соседите. Така да нема ништо ново во тој контекст. Јас сметам дека во наредниот период треба сериозно да се седне со бугарската страна да се разговара за сите прашања и да се обидеме да го надминеме ова решени во рамки на ставовите кои што ги имаме ние“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Османи смета дека Бугарија не планира да го блокира пристапувањето на земјава во ЕУ, туку дека само ја нагласува потребата од решавање на отвореното прашање меѓу двете земји.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ