ЕУ се обидува да го обнови политичкиот дијалог

Меѓународната заедница се вклучува во политичкиот дијалог во земјава. Поточно, се обидува да го оживее и да го обнови каналот за комуникација меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ преку поединечни телефонски разговори на комесарот за проширување Оливер Вархеи со лидерите на двете најголеми партии. Од ВМРО ДПМНЕ потврдуваат.

  • Точно е дека претседателот Христијан Мицкоски има интензивни разговори со партнерите од меѓународната заедница при што ги запознава со нашите аргументи и загриженост за здравствената, политичката и економската состојба. Во текот на денот ќе оствари разговор со комесарот Вархеи, велат од ВМРО ДПМНЕ. 

Од СДСМ нема ниту потврда ниту демант. Лидерот Заев преку еден пишан медиум, а портпаролот на новинарско прашање велат  дека нема потреба од продолжување на вонредната состојба, што води до избори на петти јули.

ВМРО ДПМНЕ повторува дека приоритет треба да биде здравствената состојба.

Додека трае неизвесноста со крајот на вонредната состојба и терминот за одржување избори, ДУИ ја засилува кампањата со барањето албанците да се обединат околу идејата за премиер-албанец.

Предлогот на Ахмети не е поддржан од ниту една партија. Алијансата за албанците му порача дека манипулира со чувствата на албанците и го потсети дека не поддржал заеднички кандидат за претседател на државата.

Вонредната состојба завршува во сабота. Дали ќе биде продолжена, одлучува претседателот на државата, без оглед на мислењето на Владата или на партиите. Од кабинетот на Пендаровски велат дека лидерска средба за изборите нема да има додека не добие сигнали за доближување на ставовите, а СДСМ и ВМРО ДПМНЕ го прекинаа каналот за комуникација уште пред две недели.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ