ЕУ: „Рекет“ – тест за правната држава

Финска, која во моментов претседава со Европската унија се надева дека аферата Рекет нема да ги разниша македонските евро-интеграции.

Сепак, и Финска и целата Унија сакаат да видат независна истрага за овој случај.

„Се надевам дека нема да му наштети на процесот. Го сметам за тест за правосудниот систем на Северна Македонија. Владеењето на правото не се однесува само на одредени индивидуи. Станува збор за институциите. Северна Македонија направи значаен напредок и сега е ставена на тест. Имаме трпение да чекаме и да видиме што ќе се случи. Инсистираме на темелна и длабока истрага. Објективна истрага каде никој не е над законот“ вели министерката за европски работи на Финска Тути Тупураинен.

Финската министерка ова го кажа по средбата со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во Хелсинки. Тој, пак, ја уверуваше дека Македонија има капацитет да почне преговори со Унијата во октомври.

Докажавме дека сме силна држава посветена и ориентирана кон Унијата и ниту еден предизвик не може да ја поткопа нашата посветеност, вели Османи, но признава дека случајот Рекет може да го поткопа она што беше до сега сработено.

„Свесен сум за интересот за најновиот развој кој доаѓа од сите европски престолнини имајќи предвид дека владеењето на правото е суштински принцип не само како критериум за европска интеграција туку и за стабилноста и напредокот на самата земја. Очекувам дека институциите ќе го истражат случајот професионално и транспарентно, и на крајот сите вмешани ќе сносат последици без исклучок на нивната позиција во владата, во судството, во државните институции или на било кое друго место“, рече  вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Османи се надева дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговори со Унијата во октомври. Токму за време на финското претседателство.

На прес-конференцијата во Хелсинки кажа колку е важно да се создаде обвинителство за гонење висока корупција кое ќе продолжи да работи и дека ниту еден случај нема да бизе загрозен.

Но, до октомври останува уште малку време. Унијата го постави законот за обвинителство како неформален услов за почнување преговори.

А, највисоките претставници на Унијата јасно ставија на знаење дека очекуваат брза и непристрасна истрага за случајот Рекет со што земјата ќе покаже дека законот важи за сите.

Марија Дивитарова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ