ЕУ ќе се проширува кон Западен Балкан, но само ако се затворат билатералните прашања

Европската комисија денеска ја објави Стратегијата за проширување на Западниот Балкан во која јасно се кажува дека вратата на Унијата е отворена за земјите од регионов, но само со целосно исполнети услови и пред се затворени билатерални прашања. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, презентирајќи ја стратегијата во Стразбур беше јасен во тој поглед.

„Јасно е дека одредени услови мора да бидат исполнети, и на пример, една од јасните пораки на оваа стратегија е дека ЕУ, нејзините земји членки, нема никогаш да прифатат нови земји членки, кои ги немаат решено своите билатерални, постоечки спорови, конфликти, како и да ги наречете“, рече Јоханес Хан, еврокомесар за проширување на ЕУ.

Откако попаладнево на владата и беше презентирна Стратегијата од страна на евроамбасадорот Самуел Жбогар, премиерот Зоран Заев на прес конференција во контекст на ваквата недвосмислена порака од Брисел – прво затворање на билатералните спорови па членство – рече дека е оптимист оти решение во спорот со Грција околу името може да се најде и тоа да биде достоинствено решение.

„Јас сум оптимист, решение може да се најде. Верувам дека ако водиме грижа за другата страна, за нашиот јужен сосед и ако тие водат грижа за нас притоа почитувајќи се, додржувајќи го достоинството и идентитетот, јас сум убеден дека може да се изнајде решение и за овој горлив двеипол децениски проблем“, изјави Зоран Заев, премир на Македонија.

Жбогар, во тој контекст, не одговори директно на прашањето дали Унијата размислува за опцијата Македонија во јуни да добие зелено светло од Европскиот совет за старт на преговорите, а да го затвори прашањето за името до конечнито пристапување во Унијата.

„Создадена е подобра атмосфера и одржани се првите средби меѓу премиерите. Го следиме тоа со интерес и се надеваме дека двете земји ќе бидат во можност да најдат решение што ќе го отвори патото кон ЕУ. Тоа е она на што треба да се фокусираме, со големо очекување дека двете земји кои изгледаат сериозно посветени да најдат решение и ние ќе најдеме решени и потоа ќе се отвори се“, изјава Самуел Жбогар, евроамбасадор во Македонија.

Заев говорејќи за Стратегијата рече дека таа е добра вест од Брисело за земјава, пред се поради тоа што во неа се констатира дека Македонија постигнува значаен напредок на европскиот пат и Европската комисија е подготвена за даде препорака за старт на пристапните преговори, врз основа на исполнетите услови.

Заев притоа рече дека Унијата подава рака кон земјава со конкретни придобвки од тоа и за граѓаните и за бизнис заедницата. Став на Брисел, е рече Заев, дека земјава се движи по вистински пат и дека секоја земја може да влезе во групата на земји предвоиднички.

„Овој дополнителен поттик претставува голема надеж за Македонија. Ова е мотив повеќе да работиме и да ја стигнеме групата на држави кои веќе преговараат Србија и Црнба Гора и за кои постои детален временски план“, изјави Заев.

Инаку пораката од Комисијата денеска беше јасна секоја од земјите ќе се оценува според сопствените заслуги на патото кон ЕУ, но очекуваат соработка меѓу сите нив на тој пат.

„ Месеците што ни претстојат ќе бидат, како што реков, интензивни, амбициозни, 2018 година, особено првите шест месеци, може да бидат месеци на една пресвртница, момент кога напредокот кон членството во ЕУ ќе стане неповратно и опипливо за сите. Нашата порака е: Ајде да го направиме тоа, заедно сме во ова, се бара конзистентност, храброст, одлучност и тука сме за тоа. И дозволете да го внесеме Западен Балкан во ЕУ, не во далечна иднина, туку во време на нашата генерација, со посветено продолжување на нашите напори“, рече Федерика Могериниа, Висок претставник на ЕУ за надворшна политика и безбедност.

Могериниа притоа нагласи дека регионот го очекува сериозна работа во наредните шест месеци бидејќи тие треба да исполнат уште многу услови за членство.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ