Етички кодекс со помош на француско искуство

Во Франција, секој пратеник има обврска да го извести Собранискиот етичар кога приватно оди на пат, прима подарок или некаква донација. Етичарот не е ниту судија ниту полицаец, туку советник кој ќе му укаже како треба да постапи. Тоа е уредено со Етичкиот кодекс, воведен пред неколку години.

„Станува збор за различни изјави што пратениците треба да ги дадат кога добиваат донации, одат на патување, при репрезентативни трошоци или за совети во деликатни ситуации. Таа мешавина од совети и превенција е клуч на успехот и од суштинско значење за јавното мислење“, кажа Кристијан Тимоние, Амбасадор на Франција во РМ.

За пратениците е најважно да добијат доверба, вели поранешниот француски етичар Мелан-Сукраманиен.

„Воспоставувањето на институцијата етичар е мал придонес за зголемување на довербата во Собранието. Етичкиот кодекс е збир на правила, а парламентарната етика е нешто посебно бидејќи пратениците се претставници на нацијата. Затоа пратениците самите треба да ги дефинираат тие правила“, кажа Фердинанд Мелан-Сукраманиен, поранешен етичар во Националното собрание на Франција

Етички кодекс имаат поголемиот број парламенти во развиените демократии. Франција почнала со само 6 члена, но ги инспирирала Германија и Велика Британија, а најразвиен е кодексот на руската Дума со 150 члена. Во Македонија, кодексот се уште е во нацрт верзија. Спикерот Талат Џафери верува дека француските искуства ќе им помогнат на пратениците да изградат мислење како треба да изгледа нашиот кодекс.

„Овој кодекс, кој во моментот е во фаза на нацрт-документ, има за цел да ја зголеми довербата на граѓаните и јавноста во основните вредности и во интегритетот на функцијата пратеник како индивидуа. Со тоа, да се зголеми и довербата во Собранието, кажа Талат Џафери, Претседател на Собранието на РМ.

Наредната недела во Охрид, етичкиот кодекс ќе биде дел од дијалогот меѓу власта и опозицијата, во рамки на дијалогот Жан Моне. Иницијативата на неколку европратеници беше предвидена за јануари па одложена поради несогласување од сите политички партии.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ