
ЕСЕ: Постапките на собирање и трошење на парите наменети за справување со Ковид-19 се нетранспаретни
Процесите на прибирање и трошење на средствата наменети за справување со пандемијата на Ковид -19 се нетранспаретни, а малкуте достапни информации се конфузни, се наведува во истражувањето спроведено од здружението „ЕСЕ“.
Оттаму посочуваат дека Министерството за здравство на три сметки прибира финансиски донации, но оти нема отчет од каде се обезбедни средствата и како тие се потрошени. Дополнително, Министерството прима и материјални донации за кои нема информации кој, во која количина и која вредност ги обезбедил, како и на кој начин тие се дистрибуирани во јавниот систем. Од здружението велат дека нема ниту еден податок како функционира и Фондот за поддршка што го формираше Владата за справување со кризата предизвикана од Ковид 19, односно колку средства се прибрани и потрошени. Овие резултати водат кон повеќе прашања, и тоа: дали Владата на РСМ има направено проценка на потребите за заштитна опрема и дали дистрибуцијата на заштитната опрема одговара на реалните потреби, велат од ЕСЕ.
Вонредната состојба и Владата, сметаат од ЕСЕ, им овозможила и на јавните институции самостојно, итно и нетранспарентно да вршат прераспределба на 70 проценти од средствата во нивните буџети.