
Епидемијата на вработувања на роднини на фукнционери продолжува
Син,сопруга,таткото на сопругата и претседателот на гостиварскиот огранок на СДСМ се последните четири на вработувања во државни институции на роднини на функционери од владеачката партија а МВР и ЕЛЕМ се двете државни институции во кои се вработени овие лица.
Од ЕЛЕМ потврдија дека од почетокот на месецов примиле двајца нови вработени. Едниот е Борче Поповски таткото на сопругата на генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски кој работи во „Фабрика за опрема и делови Новаци“ во склоп на ЕЛЕМ а вториот е Зоран Ангелов, претседател на СДСМ во Гостивар, кој има договор на неопределено време.
Кирацовски не одговори на повиците на неговиот телефон за коментар околу вработувањата на таткото на неговата сопруга, но и нејзината мајка која од минатиот месец работи во ученички дом во Битола.
МВР пак се засили со сопругата на пратеникот Зекир Рамчиловиќ, Мерсида, која веќе еден месец работи како самостоен советник во писарница и синот на пратеничката од СДСМ Милева Георгиева, Стојанче Георгиев, кој е инспектор за јавна безбедност.
Од опозициската ВМРО–ДПМНЕ обвинуваат дека Стојанче Горгиев бил вработен како инспектор за јавна безбедност без распишан конкурс и соодветно образование.
Пратеничката Георгиева демантира дека станува збор за непотизам и тврди дека нејзиниот син има високо образование.
Телма се обиде да стапи во контакт со пратеничката Мира Стојчевска,чиј син и брат во ист ден се примени на работа во ЕЛЕМ а нејзиниот сопруг унапреден во командир на локалната Шумска полиција во Делчево.
Затоа пак стигна демант од министерството за земјоделство во кој стои дека Ило Стојчевски, ја извршува функцијата командир бидејќи неговиот претходник дал оставка, но без финансиски надомест и сеуште се води како негов заменик.
Засега ЕЛЕМ е омилената дестинација на роднините на актуелните функционери, бидејќи покрај синот и братот на Стојчевска таму работат и ќерката на спикерот Џафери, сестрата на министерот за култура, Асаф Адеми, синот на Мирослав Грчев.
Огнен Чанчаревиќ