
Епидемијата на морбили ќе потрае – три деца и еден возрасен во потешка состојба
Крајот на епидемијата од мали сипаници се уште не е на повидок. Моментално 33-ца се во болнички кревет на Инфективна откако дошле на преглед, а докторите ги задржале на лекување. Во потешка состојба во болницата се три деца кои како последица на заразата сега патат од воспалени бели дробови, но не се доволно критични за да бидат лекувани на Интензивна нега. Таму на тој оддел е зафатен еден кревет.
„Во потешка состојба е еден пациент на одделот за интензивно лекување, со нарушување на белодробната циркулација“ запишаа во извештајот од Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби.
Министерот Филипче потврди дека се уште не може да се зборува за крај на епидемијата од морбили. Доказ за тоа се случаите со новозаразени лица и тоа во повеќе различни места во земјата. Болните од другите градови со вирусот на мали сипаници се заразиле кога доаѓале на лекар во Скопје, смета министерот.
„Пациенти со морбили се јавуваат на Клиниката за Инфективни болести со иста динамика како и досега – отприлика околу 7-8 на ден. Не очекуваме оваа бројка во следниот период да се намали, такви се епидемиолошките проценки. Прогласена е епидемија во сите градови во државата коишто беа во врска со епидемијата во Скопје. Добро е што нема појава на автохтона епидемија во друг град“ кажа Венко Филипче, министер за здравство.
Епидемиолозите во Институтот за јавно здравје редовно ги собираат податоците од Здравствените домови и ја запишуваат статистиката цело време додека трае епидемијата. Запишале дека речиси сите од децата кои се разболеле – немале примено вакцина. Кај возрасните, освен невакцинираните, проблематични се и оние кои имаат примено само една доза од вакцината МРП која е единствена заштита од болеста.
„Заболените деца од една до четири години, повеќе од 90% од нив, се не вакцинирани или немаат познат вакцинален статус. Кај возрасните над 20 годишна возраст повеќе од 70% се невакцинирани, немаат податок дека се вакцинирани или се непотполно вакцинирани“ кажа Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.
Од кога почна епидемијата од мали сипаници досега – вкупно околу 850 лица се разболеа. Поради компликации од болеста починаа 3 деца.
Петар Догов