
Епидемија на морбили прогласена во општина Струга
Епидемија на морбили и официјално е прогласена во општина Струга, информира Регионалниот центар за јавно здравје – Охрид.
Заклучно со вчера, таму се регистрирани 24 случаи на заболени од оваа заразна болест. Меѓу нив има бебиња, но и повозрасни лица, како и медицински и помошен персонал од Интерното одделение во Струга, каде пациентите најпрвин се јавувале не знаејќи за каква болест се работи.
Меѓу заразените има лица кои повремено живеат во странство, а кои воопшто не биле вакцинирани или ја прекинале вакцинацијата, што е една од причините за епидемијата. Епидемиолозите очекуваат болеста да шири, бидејќи периодот на инкубација е 10-12 дена, но спорд нив, засега нема потреба од вонредни мерки, како што се затворање на училишта и градинки.
Опасност од прогласување на епидемија има и во Дебар, каде се регистрирани
18 случаи на морбили, додека најмалку заболени во регионот има во Охрид – 3. Епидемиолозите укажуваат дека најдобра превентива од морбили е вакцинацијата и апелираат до граѓаните на одговорно однесување за да го заштитат своето, но и колективното здравје.
Горан Момироски