ЕП со остри критики за повторното одложување на пристапните преговори за Македонија

Лидерите на политичките групи во Европскиот парламент го осудија одложувањето на одлуката ЕУ да продолжи со пристапниот процес на земјите од Западен Балкан. Со тоа тие застанаа на страната на челниците на унијата, кои исто така беа разочарани од недостатокот на одлука на самитот.

  • Тоа е сериозна грешка затоа што ги погодува двете држави во срцата, и создава впечаток дека кога давате ветувања, не ги исполнувате и никој во светот нема да не почитува ако го правиме тоа, рече Жан Клод Јункер – Претседател на ЕК

Дека е загрозен кредибилитетот на унијата предупреди и лидерот на групата на Европската народна партија во ЕП, Манфред Вебер.

  • Побаравме многу од тие држави, Северна Македонија всушност мораше да го смени името да ја добие оваа пристапна перспектива, тие се трудеа да го добијат токму тоа а сега им ја треснавме вратата пред нос, вели Манфред Вебер – Лидер на ЕПП во ЕП

Спротивно на ставот на Макрон застана и неговата партија во ЕП, потенцирајќи дека проширувањето мора да остане во срцето на Европа.

  • Не можеме да замислиме силна Европа без таа да биде отворена Европа за нашите соседи и особено за тие кои дури и сега веруваат во Европа а можеби и посилно од некои земји кои се во ЕУ, смета Доцијан Чолос – Лидер на Европските либерали во ЕП

Прашањето за отварање на пристапните преговори со Македонија и Албанија мора во најбрз можен рок повторно да биде разгледано од Европскиот совет, затоа што одземената европерспектива ризикува дестабилизација на регионот.

  • Сега можам само да се надевам дека лидерите ќе ги извлечат правилните заклучоци кога ќе разговараат за процесот на проширувањето пред самитот во Загреб во мај 2020, заклучува Доналд Туск – Претседател на ЕС.

Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан беше потврдено во Солунската агенда од 2003 година, кога Унијата им вети интеграција на овие земји, потсетуваат повеќе европски медиуми но во последно време процесот е под знак прашалник поради наводниот замор од проширување и се погласните повици за реформи во функционирањето на самата унија.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ