Еленовски во НАТО, 27 директорски фотељи за ДУИ

Не стивнуваат реакциите во јавноста по вчерашното назначување на Лазар Еленовски за специјален владин пратеник за НАТО-интеграции во Брисел. Реакциите во најголем дел се поврзани со неговата политичка биографија, затоа што две години беше министер во владата на Груевски, а потоа и нејзин амбасадор во Белгија. Според владиниот портпарол, пресудно за позицијата било неговото искуство.

Пред локалните избори,  партијата на Еленовски,  СДУ склучи коалиција со СДСМ и освои едно советничко место. На почетокот на кариерата тој долги години беше висок функционер на СДСМ и раководеше со партискиот подмладок, по што премина во НСДП на Тито Петковски. Од 2006 до 2008 година беше министер за одбрана во владата на ВМРО-ДПМНЕ и НСДП. По раскинувањето на коалицијата, формираше нова партија Социјалдемократска Унија, чиј претседател беше една година. Во 2007 владата на Груевски го испрати за амбасадор во Белгија, а мандатот му истече пред осум месеци.

Еленовски во 2009 година ги тужеше тогашните пратеници во Собранието, Радмила Шекеринска, Горан Минчев и Горан Мисовски за клевета, откако беше објавена снимка со негова  изјава дека тогашниот премиер Никола Груевски прифатил промена на името на државата. На тројцата пратеници судот им изрече опомена за навреда на Еленовски. Шеќеринска, која е министер за одбрана,сега треба да соработува токму со Еленовски во делот на интеграцијата на земјата во НАТО.

Вчера владата именуваше и 27 директори и заменици директори од редовите на ДУИ. Меѓу нив е и поранешниот пратеник и директор на Македонски пошти, Рафис Алити. Во неговиот мандат имаше пожар во оваа дирекција, а за случајот беше уапсен неговиот внук, кој подоцна доби двегодишна затворска казна. Тој беше уапсен на денот кога се формираше партијата „Унитети„, а Алити се спомнуваше како еден основачите, затоа што честопати јавно го критикуваше актуелното раководство на ДУИ.

По аферата со пожарот, остана во ДУИ, а сега ќе раководи со акционерското друштво “ГА-МА”. Со „Водите на Македонија” ќе управува поранешниот претседател на Антикорупциската комисија, Илми Селами, кој беше и заменик министер за одбрана во владата на Груевски. Директор на Одделот за чување на книги, пак, ќе биде адвокатот на обвинетите за „Диво Насеље„– Бујар Дардишта, а со Центарот за управување со кризи ќе управува поранешниот амбасадор Агрон Буџаку. Неофицијално, со овие кадровски решенија, Ахмети се обидува да ги помири струите во ДУИ, меѓу кои подолго време има несогласувања.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ