
Еленовски ќе не јакне во НАТО, а 27 амбасади зјаат упразнети
Зајакнување на дипломатското присуство на Македонија во НАТО во овој исклучително значаен период за Македонија е официјалниот став на МНР за именувањето од страна на Владата на Лазе Еленовски за нејзин специјален претставник во Алијансата. Од таму не кажуваат дали ингеренциите кои ќе ги има Еленоски, како специјален претставник ќе се преклопуваат со ингеренциите на македонскиот амбасадор во НАТО, функција која моментално ја извршува Зоран Дабиќ.
„Со оглед на исклучително значајниот период што претстои во однос на остварувањето на стратешките приоритети на Владата на Македонија – зачленување во НАТО – се јавува потреба од зајакнување на промоцијата на Македонија во Брисел. Во оваа смисла, зајакнувањето на дипломатското присуство на земјата во НАТО со специјален претставник на Владата, ќе овозможи интензивирање на контактите и зголемување на соработката со релевантните претставници на Алијансата во Брисел“, се наведува во одговорот на МНР за Телма.
Истовремено Македонија се соочува со реална криза во нејзините дипломатско-конзуларни претставништва со оглед дека на шеф чекаат 27 од вкупно 57 амбасади и козулати. По претходните 20 упразнети ДКП-а, од октомври до денеска им завршил мандатот и на дополнителни пет амбасадори – на Вера Јовановска-Типко во Белград, на Стојан Карајанов во Тирана, Пајо Авировиќ во Тел Авив, Кире Илиоски во Мисијата во ОБСЕ во Виена и Василе Андоноски во Мисијата во ОН во Њујорк, како и на двајца генерални козули – во Истанбул и во Деторит. Освен таму Македонија нема амбасадори ни во Лондон, Париз, Брисел, Пекинг, Варшава, Мадрид, Загреб, Подгорица, Мисијата во ЕУ. Од нив дури 18 на амбасадор чекаат повеќе од шест месеци.
Дополнително на ова од 1 март до 15 април им завршува мандатот и на дополнителни седум шефови на дипломатско-конзуларни претставништва за кои веќе се потпишани укази од Претседателот на државата за завршување на мандатот и истите се веќе објавени во Службен весник.
Во меѓувреме Владата и Претседателот се договорија за список од само осум имиња, сите од редовоите на МНР, со кои ќе се пополнат исто толку дипломатски претставништва и тоа во ЕУ во Брисел, во Лондон, во Париз, Подгорица, во Берн во Швајцарија, Осло, Варшава и во Букурешт.
Од МНР за Телма информираат дека е добиена согласност од Претседателот за нивно назначување, а Министерството за сите осум побарано агремани од државата каде се упатуваат. Постапката за агреација, како што наведуваат од МНР, според дипломатската пракса, е во тек. Неофицијално, целата таа процедура би требало да заврши во текот на месецов и тие би се упатиле на служба уште во април.
За пополнувањето на останатите упразнети места на шефови на дипломатско-конзуларни претставништва на земјава од МНР информираат дека разговорите со Претседателот се во тек, но без повеќе детали за кои амбасадорски места се усогласуват имиња со претседателот.
Ова го потврдија и од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, но и од таму без повеќе детали за кои амбасади ќе се поплнуваат со вториот круг именувања за амбасадори.
„Разговори за пополнување на испразнетите дипломатско-конзуларни претставништва се започнати, но за конкретни имиња се уште не е разговарано“.
Неофицијално во втората рунда се преговара за поплнување на амбасадите во Брлин, Москва и Пекинг.
За првата рунда од осум дипломати и тоа сите дипломати од кариера, владата и претседателот преговараа неколку месеци по што договорот беше постигнат во декември.
Од МНР иако наведуваат дека нивна главна заложба при пополнувањето на упразнетите амбасадорски места е зголемување на составот на дипломатско-конзуларните службеници со соодветно професионално искуство и капацитет, Законот за надворшени работи предвидува најмалку една четвртина од дипломатите да доаѓаат од МНР. Токму остатокот од дури три четвртини на политички именувања на амбасадори на сцена ги ставаат партиските апетити за амбасадорски места, како и оние „резервирани“ за Кабинетот на претседателот. По првата рунда од осум амбасадори сите од редвоите на МНР, можно е кохабитацијата Илинденска – Кабинет на претседател за втората рунда имиња да оди потешко.
Тамара Грнчароска