
ЕЛЕМ ќе купува механизација за РЕК Битола
Електрани на Македонија ќе врши ископ на јаглен и јаловина за РЕК Битола со сопствена механизација. На меѓународен тендер, ЕЛЕМ ќе купува 44 парчиња хидраулични багери, булдожери, дигалки, скипови, цистерни, дампери и друга помошна механизација, за која ќе се потрошат 19 милиони евра. Кон средината на април ќе се распише и тендер за циклична механизација, за ископ од рудникот Гнеотино, кој се планира на 22 милиони евра. Набавката на механизацијата, според директорот Драган Миновски ќе донесе финансиски заштеди а тоа, вели ќе придонесе кон намалување на цената на струјата.
„За 10 години за изнајмување на циклична и помошна механизација се трошеле 212 милиони евра, вредноста за набавка на нова механизација нема да надминеме 40 милиони, заштедите се видливи“, вели Миновски.
Механизацијата според планот ќе биде набавена до почетокот на следната година а дотогаш за изнајмување на машини од надворешни фирми, ќе се потрошат околу 5 милиони евра, за разлика од просечните 9 милиони евра годишно, кои се трошеле во минатото.
„Во условите за набавка на механизацијата ќе бараме машините да се со еуро 4 стандард, за помало загадување а ќе биде поставен и критериумот отворање на сервис за купената механизација во Битола, што ќе обезбеди брзи реакции при откажување на некоја од алатиките и вработување на нови луѓе“, додава Миновски.
Тендерот за набавка на механизација за РЕК Битола е втор по ред откако во јуни минатата година новата Влада побара од тогашниот директор на ЕЛЕМ Христијан Мицковски да ја поништи набавката поради пропусти во техничката документација. Според тогаш направената физибилити студија набавката на механизацијата требаше да тежи 64 милиони евра.
Виолета З. Стојановска