
„ЕЛЕМ да ја ослободи Попова Шапка“ порака од новиот протест
ЕЛЕМ да ја ослободи Попова Шапка, е мотото на денешниот втор по ред протест, организиран од Иницијативата да ја спасиме Попова Шапка.
Учесниците го блокираа патот Тетово – Попова Шапка и побараа владата да престане да прави анализи за центарот, и веднаш да се издаде на приватен концесионер, затоа што досегашното управување покажало дека туризмот на ски центарот стагнира, иако се трошат огромни средства.
На протестот присуствуваа спортски работници. Истакнаа дека поради лошото менаџирање Попова Шапка започнува да се брише од светските рангирани турустички карти, иако има природен потенцијал да опслужи и до 50 000 скијачи дневно. Очигледно менаџментот на центарот нема капацитет за управување и треба да се повлече, а државата да изгради стратегија за развој на Попова Шапка.
Оваа сезона на Попова Шапка е една од најкатастрофалните, иако центарот има доволно количини снег.
Ски лифтовите и жичниците работаат со постојани прекини поради нивната дотраеност. Проблемот со паркинг просторот не се реши, а не се изгради ниту долгонајавуваниот шестосед, кој треба да ги намали гужвите на ски патеките.
Мината влада даваше само празни ветувања дека ќе инвестира милиони во центарот, а сегашната власт најави дека е најдобро Попова Шапка да се издаде под концесија на приватен инвеститор. За таа цел уште минатата година истакнаа дека ќе објават тендер за избор на консултант за проценка на центарот, односно постапка која води до продажба. Но од ваквите најави нема никаков исход.
Освен централната и општинската власт дигнала раце од центарот. Сообраќајната инфраструктура е во очајна состојба, во викенд населба никнуваат диворгадби каде нема атмосверска и фекална канализација, ниту пак доволно улично осветлување. Поради запустен оста, свое прибежиште во центарот најдоа кучињата скитници кои сеат страв и ги напаѓаат туристите.
Зоран Димовски