
Електронска наплата на патарините од Коридорот 10
До крајот на годинава на сите патарини од Коридорот 10 ќе се воведе електронски систем на наплата. Во почеток користењето на автопатите ќе може да се плаќа комбинирано, односно ќе се плаќа во кеш, со електронска картичка или со припејд картичка. Досега се набавени 500.000 картички а нивната цена ќе се движи помеѓу 1-2 евра.
„На секоја патарина ќе има и со пари и со картички. Картичката ќе биде за 500-1.000 денари и ќе се надополнува. Во секој случај ќе бидат за 10 % поевтини од плаќање во кеш. Нема да има издавање на фискални и нема застој на патарините“, зиајви директорот на ЈП Државни патишта, Зоран Китановски.
За возилата кои се постојано на пат како камиони и комбиња на фирми кои вршат достава нема да се воведуваат вињети туку т.н тагови за електронска наплата. Нив ќе ги чита сензор поставен на електронската порта на патарината на најмногу 30 метри одалеченост.
„Цената ќе биде од 10-20 евра и ќе се надополнуваат со фактура. Вињетите за две години ќе се укинат во цела ЕУ од безбедносен и финансиски аспект“, вели директорот Китановски.
Електронската наплата на патарините според Китановски ќе го направи патувањето по коридорот 10 побрзо, но и поевтино а истата процедура ќе се спроведе и за патарините од коридорот 8 и тоа најдоцна до 2019.
Во моментов во Македонија постојат 10 патарини а ќе се отворат дополнителни 4. Инвестицијата е во вредност од 18,7 милиони евра од кои 2,8 милиони се од буџетот а останатите од ЕБОР.
ЕУ пак се подготвува за промена на наплатниот систем за користење автопати за сите видови возила, што подразбира плаќањето на патарината да се врши според моделот на поминати делници на автопатот а не наплата за одреден период на користење.
Виолета З. Стојановска