
Екстремно десничарски групи, поддржувачи на Златна зора, како и свештени лица жестоко и насилно кажаа „не“ за ратификација на Договорот од Преспа
Камење, стапови, плочки од платото пред грчкиот парламент и по некоја чадна бомба, ова беа главните средства кои ги користеа демонстрантите за време на насилните протести денеска во Атина. Насилните судири избија меѓу група демонстранти кои се обидоа ги пробијат полицискиот кордон и да влезат во грчкиот парламент, а полицијата ги спречи со солзавец. Екстремно десничарски групи, поддржувачи на Златна зора, како и свештени лица, грчки митрополити и претавници од Света гора жестоко и насилно кажаа не за ратификација на Договорот од Преспа, со што се става крај на децениското непријателство меѓу двете земји. Од кабинетот на Ципрас потенцираат дека должност на сите оние кои веруваат и и служат на демократијата е да не дозволат такво нешто и да ги изолираат и осудат ваквите феномени.
Со транспаренти “Македонија е грчка”, „Референдум сега” и „Македонија не се продава, Алексис Ципрас е на продажба“ демонстрантите побараа од парламентот да не го прифаќа владиниот план за ратификуваат договорот со кој сосодот ќе го промени своето име во Северна Македонија.
- Немаше шанса да не дојдеме. Не е во ред да останеме дома кога се случуваат вакви работи. Имам дете и не сакам да се осврнувам наназад и мислим дака не протестирав заради тоа, вели Наташа Афанасиадоу, демонстрант.
- Референдумот би бил најдоброто решение. Народот нека одлучи. Оваа работа помина без никој да ги праша луѓето или да го извести парламентот. Премиерот и министер за надворешни работи делуваше сам, без да го праша грчкиот народ, смета Димитриос Опас, демонстрант.
Во протестите кои траеја околу два часа беа повредени 15 мина, проценките на грчката полиција се дека на протестот учествувале 60 илјади луѓе, иако голем беше бројот и на оние од внатрешноста на земјата кои пристигнаа со автобуси.
Еден час пред официјалниот старт на протестот, на помалку од еден километар од грчкиот Парламент, анархистички и антифашистички здруженија и групи организираа контра собир против „националистичките протести“. Околу парламентот и центарот на Атина денеска – драконски безбедносни мерки ангажирани беа над 1.500 полицајци, дронови и хеликоптери. Грците на протест на плоштадот „Синтагма“ ги собра т. н. Комитет за одбрана на грчкиот карактер на Македонија за да им кажат „не“ на парламентарците кои до крајот на неделата на пленарна седница треба да го ратификуваат Договорот од Преспа.
Во пресрет на ратификацијата, атмосферата во Грција е вжештена. Закани преку телефон добиваат пратениците кои го поддржуваат решението меѓу Македонија и Грција, а плакати со нивни фотографии се залепени по улиците на Атина.
Билјана Ставрова