
Експресно и едногласно изласан Законот за амнестија
Политичка одлука која нема да ги попречи судските процеси, туку ќе покаже дека процесот на помирување започна. Вака пратениците го објаснија Законот за амнестија, кој вечерва беше изгласан едногласно, со гласовите на сите 95 присутни пратеници, без ниту еден воздржан или против.
На потпишаните 20-тина предлагачи на текстот на законот, пред самото гласање им се придружија Илија Димовски и Панчо Минов. Димовски му се заблагодари на Талат Џафери за напорите да имаме функционален парламент.
ВМРО-ДПМНЕ се обиде да постигне амнестија за сите учесници на 27 април, но амандманот беше одбиен бидејќи е потребно да се направи разлика меѓу различните кривични дела. Предлогот за донесување амнестија беше одбиен од двајцата пратеници на Алијансата за албанците и Горан Милевски од ЛДП. За Села, не е правда кога му се суди на полицаецот што го спасил, а се амнестираат тие што помагале насилство преку отварање на собраниските врати.
Законот нема да ги опфати организаторите на упадот во Собранието, оние што вршеле насилство, дошле маскирани или носеле оружје, како и службените лица што ги пречекориле овластувањата. Сите други, 40 до 50 лица од вкупно 70, имаат рок од пет дена да побараат амнестија. Одлучува Судот, во консултација со Обвинителството.
Соња Николовска